Регионалната СЕХА лига, која започна во сезоната 2012 година и во која Вардар и Веспрем се најтрофејни екипи со по пет титули, оди во историјата!
Во последните четири сезони, оваа лига се играше само во „Дивизијата Исток“ со руски и белоруски екипи, но претседателот на белоруската федерација, Владимир Коноплев, потврди дека оваа сезона таа нема да се игра.
„Штета што нема да се игра, секако. Но, тоа е животот. Гледате какви политички и воени настани се случуваат околу нашата земја. Затоа, за жал, така се случи. Но, нема да застанеме тука. Веќе разговарав со тренерите. Ќе организираме нови турнири. И во Русија и во Белорусија ќе гостуваат водечки клубови од двете земји, така што и за навивачите повторно ќе биде интересно“, изјави Коноплев.
Во последните четири сезони, шампион стана Мешков Брест, а еднаш титулата ја освои Зенит Санкт Петерсбург.
Екипите од Македонија, Унгарија, Хрватска, Србија…претходно и Црна Гора, Романија, Словачка, Словенија, Босна и Херцеговина, Украина и Кина, играа до 2022 година.
Вардар стана шампион во 2012, 2014, 2017, 2018, 2019, а уште три пати играше во финалето на оваа конкуренција. Мешков Брест е рекордер со настапи во 14 сезони, а Вардар, Веспрем и Татран Прешов играа по 12 сезони.
Од Македонија, покрај Вардар, во СЕХА лигата играа и Еурофарм Пелистер, Металург и МАКС Струмица.
























