ЕКСКЛУЗИВНО: Нтанзи е во Охрид – го гледа Еурофарм Пелистер, се чека само исписницата!

Францускиот среден бек Саду Нтанзи се наоѓа во Охрид и го следи дербито меѓу Охрид и Еурофарм Пелистер. Според информациите на 24Ракомет, договорот е пред реализација.

Саду Нтанзи е на чекор до потпис со Еурофарм Пелистер. Францускиот интернационалец пристигна во Македонија и од трибините во „Билјанини Извори“ го следи првенствениот натпревар меѓу Охрид и битолскиот тим кој се игра вечерва од 19 часот.

Според информациите на 24Ракомет, двете страни ги договориле најважните детали од соработката. За комплетирање на трансферот се чека само Нтанзи да ја добие потребната исписница од клубот со кој има договор.

Доколку документацијата биде комплетирана, 26-годишниот Французин треба да стане нов член на Еурофарм Пелистер и да ја засили конкуренцијата на позицијата среден бек.

Нтанзи потекнува од школата на Пари Сен Жермен, а во францускиот гигант го направи и првиот голем чекор во сениорската кариера. Беше дел од повеќе трофејни сезони на ПСЖ и настапуваше во Лигата на шампионите.

Во кариерата играше и за Феникс Тулуз, Татабања и катарски Ал-Араби. Во текот на минатата сезона беше ангажиран и од германски Мелсунген, каде пристигна на позајмица како решение за проблемите со повредени ракометари.

Французинот е висок 183 сантиметри и покрај организирањето на нападот може да понуди брзина, игра „еден на еден“ и дополнителна опасност кон противничкиот гол.

Неговото присуство во Охрид е уште еден показател дека преговорите се во завршна фаза. Сега се чека последниот административен документ, по што Еурофарм Пелистер ќе може официјално да го промовира новото засилување.

▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
📲.
Со еден клик до сите вести.
🤾