Тимот на Македонија Ѓорче Петров полека го склопува играчкиот кадар со кој ќе настапува претстојната сезона во прволигашката конкуренција.
Клубот обрнува внимание и на талентите од својата школа, па првите професионални договори ги потпишаа Лука Зафировски и Кристијан Героски.
„Своите први професионални двегодишни договори ги потпишаа Лука Зафировски и Кристијан Героски, двајца играчи наши бисери. Лука Зафировски е 17-годишен играч кој е дел од клубот 14 години и кој ги има поминато сите возрасни категории бранејќи ги нашите бои. Досега се вложувал максимално и во многу ситуации ја покажал својата љубов и верност кон клубот. Лука , ти посакуваме многу успех во твојот професионален ракометен ангажман. Кристијан Героски е наше дете, со предиспозиции за квалитетен ракометар. Посакуваме во оваа твоја прва професионална година да го покажеш твојот талент и да бидеш ударна игла во нападот и човек на одлука во одбраната. Продолжи посветено, биди сигурен дека успехот нема да изостане. А ние како клуб ќе продолжиме и понатаму да промовираме деца ѓорчевски и да продуцираме одлични ракометари затоа што само инвестицијата во нашите деца е вистинска инвестиција“, напишаа од Македонија Ѓорче Петров.
„Дробилицата“, која ќе биде предводена од тренерот Оливер Димитриоски, претходно ги обнови договорите со шестмина ракометари.
Голманите Давид Стојкоски и Димитар Гиевски ставија потписи на нови договори, а во клубот остануваат и Давор Домика, Мартин Бучуковски и Дарко Рангелов, како и Михаил Тотиќ.
Сите ракометари потпишаа договори до 2028 година.
























