Вардар славеше против Охрид со 32-31 во драматичен натпревар од Супер Купот и го освои петтиот трофеј од ова натпреварување.
Десниот бек Урош Митровиќ вели дека беше тежок натпревар, а му се одмаздија на ривалот за претходните два порази во финалињата на турнирите во Струга и Охрид.
„Беше и жешко и тешко, ама беше потешко отколку што беше жешко. Ова беше трето финале во три недели со Охрид. Се спремавме цела недела за овој меч, останавме должни по поразите на турнирите претходно, но затоа сега покажавме дека сме квалитетни“, изјави Митровиќ.
По двојната круна минатата сезона во Македонија, Митровиќ сега освои трет трофеј со „црвено-црниот“ клуб.
„Овој трофеј ќе биде голема мотивација пред стартот на Лигата на шампионите и се надевам после овој меч ќе продолжиме во ист ритам и да тренираме, и да победуваме“, заврши Митровиќ.
Вардар в петок го чека стартот на Супер лига и дуел со Еурофарм Пелистер 2, а идниот четврток и првиот меч од Лигата на шампионите против Мелсунген на гостински терен.

























