Ракометарите на Еурофарм Пелистер стигнаа до третата победа во Регионалната лига, откако вечерва во Битола убедливо ја совладаа Дубочица со 38-24 (18-13). Во салата „Боро Чурлевски“ македонскиот вицепрвак имаше контрола над натпреварот, иако гостите подобро го отворија дуелот и поведоа со 4-1.
На тимот на Лино Червар му беа потребни неколку минути за да го фати ритамот, а до 18. минута Дубочица сè уште имаше предност. Потоа следуваше одличен период на пелистерци, кои со серија од 5-0, предводени од Атанасијевиќ, Калајџиески и Кузмановски, направија пресврт и поведоа со 13-10. До паузата битолчани ја зголемија предноста на 18-13.
Во второто полувреме Еурофарм Пелистер целосно го скрши отпорот на српскиот тим. Цврстата одбрана и ефикасниот напад донесоа предност од 25-17, а откако Дубочица се обиде да се врати и намали на минус шест, домаќинот возврати со серија од 4-0.
Пелистерци стигнаа и до двоцифрена предност од 33-21, по што до крајот рутински го приведоа натпреварот до убедлив триумф од 38-24.
Најефикасен во победничкиот состав беше Петар Атанасијевиќ со 11 гола, додека капитенот Филип Кузмановски постигна осум. Кај Дубочица, Ристовиќ беше најдобар стрелец со пет погодоци.
За Еурофарм Пелистер ова беше трета победа во исто толку натпревари во Регионалната лига, по триумфите над Партизан и Ловќен. Битолчани сега имаа шест бода на првото место во групата А и се наоѓааат на добар пат кон место на завршниот турнир во април догодина.
























