Легендата на полскиот ракомет, Карол Биелецки, ќе биде нов претседател на клубот, додека досегашниот прв човек Павел Папај ќе остане дел од управата, пишува „wKielcach.info“.
Биелецки е едно од најголемите имиња во историјата на полскиот ракомет. За Келце настапуваше вкупно 11 години, во периодите од 1999 до 2004 и од 2012 до 2018 година, а со клубот освои седум титули во полското првенство, пет Купа на Полска и три медали во Лигата на шампионите, вклучително и највредниот – златниот во 2016 година.
По завршувањето на играчката кариера во 2018 година, Биелецки се посвети на бизнисот и мотивациските предавања, но остана тесно поврзан со ракометот и редовно ги следеше натпреварите на клубот од Келце.
Сега легендарниот ракометар се враќа во клубот во нова улога. Неговото искуство од играчката кариера во Полска и Германија треба да биде еден од адутите во понатамошниот развој на Келце, како и во разговорите со потенцијалните спонзори.
Во последниот период иднината на клубот од финансиски аспект повторно беше неизвесна, но се очекува главниот спонзор наскоро да потпише нов маркетиншки договор, што би требало да донесе дополнителна стабилност.

























