Узунчев и Целје немаа среќа во пенал-серијата, Тримо се израдува на Супер Куп трофејот!

Словенечкиот шампион Целје, каде што од ова лето игра Димитар Узунчев, не успеа да го освои Супер Куп трофеј откако загуби од Тримо Требње по изведувањето на седмереците со 34-32.

Мечот во регуларниот дел заврши 30-30, а во пенал-серијата промашија Анжиќ и Узунчев, а кај Тримо реализираа Мајсторовиќ, Вишчек, Јуречич и Цирар, па тимот на Бранко Тамше се радуваше на трофејот.

Македонскиот десен бек Узунчев беше меѓу најдобрите поединци во Целје и даде седум погодоци, сите во првиот дел, иако не го реализира последниот пенал што можеше да го остави Целје во игра.

Тримо минатиот викенд „вежбаше“ пенали во битката со Загреб за третото место на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ во Охрид, тогаш загуби, но затоа сега не ја пропушти шансата да му се израдува на првиот трофеј во новата сезона.