Поранешниот ракометар на Вардар, Анте Кудуз, повторно е во Македонија, но овојпат во дресот на Олимпијакос.
Хрватскиот ракометар настапува на силниот турнир „Крсте Андоновски“ во Охрид, каде неговиот тим има можност да се соочи со квалитетни европски состави.
Кудуз со задоволство зборуваше за враќањето во Македонија и за можноста да игра на турнир од ваков калибар.
„Сигурно е убаво повторно да се биде во Македонија. Ова е еден чекор напред за да видиме како можеме да играме против врвни екипи. Овде се гради една убава екипа која сака да се подигне на повисоко ниво. Турнирот е навистина на високо ниво, условите се феноменални и сите сме презадоволни.“
Кудуз во кариерата настапуваше за Вардар, а потоа играше во Романија и Франција, пред да направи нов чекор и да се пресели во Олимпијакос. Вели дека преселбата во Грција била мотивирана од желбата за нов предизвик.
„Ме привлече емоцијата и желбата да направам нов чекор напред. Ми покажаа дека ме сакаат во клубот, а таквите работи отсекогаш сум ги ценел во кариерата и ќе продолжам да ги ценам. Засега навистина сè е супер.“
Олимпијакос има високи амбиции. Грчкиот тим минатата сезона играше против Охрид во Европскиот куп, а охриѓани на крајот стигнаа до трофејот.
Кудуз смета дека оваа сезона европското натпреварување ќе биде уште поквалитетно.
„Целата ракометна јавност треба да знае дека Европскиот куп оваа година е страшно силен. Охрид минатата година заслужено го освои трофејот и има одлична екипа. Тука е и Тримо, има и други силни претставници, меѓу кои и тимот од Автокоманда, така што оваа година навистина ќе биде многу тешко.“
Олимпијакос во Охрид пристигна со значително променет состав, па на екипата ѝ е потребно време за целосно да се воигра.
„Се надеваме дека ќе добиеме некоја шанса. Променивме доста играчи и сега ни треба време сè да се вклопи. Можеби сега имаме два натпревари и два порази, но тоа беа дуели против екипи кои со години играат заедно. Ние сега се собравме и чекаме коцките да си дојдат на свое место.“
Токиќ има искуство од повеќе европски првенства и лиги – Македонија, Романија и Франција, а сега има можност да го почувствува и грчкиот ракомет. Првите впечатоци од Олимпијакос се одлични.
„Можам да зборувам само за клубот, бидејќи лигата сè уште не започнала. Организацијата на клубот навистина ме изненади. Покажаа големо ниво на професионализам и тоа ме изненади во позитивна смисла.“
За грчкиот ракомет, пак, сè уште не сака да носи конечна оценка, но со нетрпение ги очекува големите дерби натпревари.
„Слушнав многу различни мислења за грчкиот ракомет, но сè уште не сме ја започнале лигата. Едвај чекам да почнеме, бидејќи има многу добри дерби натпревари. Тоа се мечеви што се чекаат цела година и носат одлична атмосфера за играње.“
На турнирот во Охрид, Кудуз има јасен фаворит за првото место во групата.
„Од нашата група, мислам дека Вардар квалитетно заслужува да биде прв. Тие имаат квалитет за тоа.“
Поранешниот вардарец со посебни емоции зборува и за клубот од Скопје, иако во Вардар помина релативно краток период.
„Иако бев таму кратко, навистина запознав прекрасни луѓе. Секогаш кога ќе се видиме, без разлика дали е тоа преку спортските терени, се поддржуваме. Тоа е навистина убава атмосфера и уживав во Вардар, пред сè поради прекрасните луѓе.“
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________

























