ОХРИД 2026: Ѓукиќ пред големиот тест – Загреб е фаворит, но мора да ја искористиме шансата

Дарко Ѓукиќ беше еден од најдобрите ракометари на Охрид во убедливата победа над Војводина со 29-19.

За разлика од мечот со Египет У20, охриѓани одиграа многу посериозно и поквалитетно против Војводина, а Ѓукиќ го истакна пристапот на екипата.

„Сега беше многу посериозно и подобро од наша страна. Натпреварот со Египет беше на еден начин подготовка за Регионалната лига, а денеска покажавме поинаков пристап. Мислам дека ова е добра најава за она што нè очекува.“

Охрид до победата дојде предводен од одличната одбрана и добрата голманска партија, што според Ѓукиќ е клучот за убедливиот триумф.

„Кога имаш добра одбрана и добар голман како Дино Славиќ, мислам дека е многу полесно да се игра. Денеска функциониравме добро во тој сегмент и тоа ни помогна да стигнеме до убедлива победа.“

Ѓукиќ постигна и атрактивен гол од слободен удар, кој го привлече вниманието на публиката во „Билјанини Извори“.

„Мора да се тренираат и такви работи. Се најде простор во тој момент и тоа беше идејата. Ваквите ситуации се вежбаат на тренинг, а потоа треба да имаш и малку среќа.“

Охрид со победата направи значаен чекор кон борбата за финале на турнирот „Крсте Андоновски“, но Ѓукиќ е свесен дека во продолжението следува уште потежок предизвик.

„Сакаме да стигнеме до финалето. Загреб е фаворит, бидејќи е екипа од Лигата на шампионите и сигурно нема да биде лесно. Ќе го дадеме нашиот максимум и ќе го направиме она што е до нас – да го одиграме нашиот натпревар. Ако ни се укаже можност, тоа може да биде супер прилика да го победиме Загреб и мислам дека треба да ја искористиме. Повторно велам, Загреб е голем фаворит, но ние ќе дадеме сè од себе“, заврши Ѓукиќ.

Охриѓани денеска имаат слободен ден на турнирот, а утре од 21:00 часот ќе ја бијат битката за финале на турнирот што го освоија минатата година.