Охрид одигра еден од најдобрите натпревари во досегашниот тек на подготовките и убедливо ја совлада Војводина со 29-19. Еден од најзаслужните за високата победа беше Дино Славиќ, кој беше избран за играч на натпреварот и уште еднаш потврди дека е една од најсилните алки во тимот на Борис Ројевиќ.
Охрид ја крена формата на турнирот „Крсте Андоновски“ и по потешкиот старт против Египет У20, против Војводина покажа многу посигурно издание. Домаќинот славеше убедливо со 29-19, а повторно во центарот на вниманието беше Дино Славиќ.
Хрватскиот голман имаше одличен настап меѓу стативите и беше прогласен за играч на натпреварот, а клучот за убедливиот триумф пред сè го гледа во одбраната.
„Мислам дека бевме многу агресивни во одбраната. Момците завршија добра работа. Имаше и грешки, но ова е подготвителен период и такви работи се нормални. Ќе работиме на нив. На крајот победивме со десет гола разлика и мислам дека можеме да бидеме задоволни. Добра и висока победа за нас“, изјави Славиќ.
Токму дефанзивата беше една од главните причини поради кои Охрид успеа целосно да ја контролира Војводина. Кога на агресивната одбрана ќе се додаде и расположениот Славиќ на голот, српскиот тим тешко наоѓаше решение во нападот.
Само 19 примени гола против квалитетен противник се добар сигнал за Ројевиќ во период кога тимот сè уште се воигрува и кога резултатот формално не е најважен. За Славиќ ова беше уште едно индивидуално признание по одличните партии во подготвителниот период, и триумфот во Струга, но неговиот фокус повторно беше на тимот и начинот на кој функционираше одбраната.
Следниот голем предизвик за Охрид е Загреб, а тој натпревар има дополнително значење и за Славиќ. Хрватскиот шампион е клуб и средина која добро ја познава, па дуелот против Загреб носи и дополнителна емоција.
„Се радувам на натпреварот со Загреб. Се радувам и поради клубот и поради поранешните соиграчи. Убаво ќе биде повторно да играм против нив и се радувам на тој натпревар“, порача Славиќ.
За Охрид мечот со Загреб има големо резултатско значење, бидејќи во игра е првото место во групата и пласманот во финалето на домашниот турнир.
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________

























