ОХРИД 2026: Савревски – Како поминува времето, ќе растеме како тим

Давид Савревски верува дека Охрид допрва ќе го покаже вистинското лице. По освоениот турнир во Струга, домаќинот продолжи со силни проверки на „Крсте Андоновски“, а македонскиот ракометар сака со добри партии повторно да се наметне и за репрезентативен повик.

Еден турнир е веќе зад тимот, вториот се игра пред домашната публика, а Давид Савревски смета дека во оваа фаза најважно е екипата да напредува од натпревар во натпревар.

„Секој натпревар е многу важен за нас, но ова е само почеток на сезоната. Мислам дека како ќе изминува времето, ќе гледаме сè подобри партии. На мене е да тренирам и да напредувам“

Савревски има јасен пристап и кога станува збор за сопствената улога во новата сезона.

„На мене е да давам сè од себе, да тренирам и да напредувам, па ќе видиме што ќе биде.“

Добрата форма може повторно да ја отвори и репрезентативната врата.

„Ако заслужам да бидам повикан, тогаш треба да бидам повикан.“

За Савревски најважно ќе биде одговорот да го даде на теренот. Охрид во подготовките веќе освои еден пехар – оној во Струга, каде во финалето славеше против Вардар.

Савревски смета дека победата над шампионот на Македонија е значајна, но потенцира дека во „Билјанини Извори“ конкуренцијата е уште посериозна.

„Турнирот во Охрид е далеку посилен од турнирот во Струга. Во Струга забележавме победа над шампионот на Македонија и тоа секако многу ни значи.“

Но минатите резултати нема да помогнат ако играта не биде на потребното ниво, каков што беше случајот на Египет У20.

„Имавме многу грешки и промашени зицери“

Савревски не беше задоволен од еден од првите настапи на домашниот турнир.

„Одигравме лош натпревар, имавме многу грешки и многу промашени зицери. Во текот на турнирот мораме да ја подобриме нашата игра.“

_________________________________________________________________________________________
▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________