Само една недела одмор, 16 меча и деби за Вардар – лето од соништата за Бобан Поповски

Бобан Поповски има лето што тешко ќе го заборави. По 16 официјални натпревари со младинските селекции и само една недела одмор, младиот ракометар директно му се приклучи на првиот тим на Вардар.

Во Охрид ја доби првата вистинска сениорска минутажа и го постигна својот прв гол во црвено-црниот дрес.

Тој играше на првиот меч од Регионалната лига против Војводина, но играше и на средбата со Олимпијакос на турнирот „Крсте Андоновски“.

Од младински репрезентативен ракомет директно меѓу сениорите на Вардар

Такво е летото на Бобан Поповски, еден од најмладите ракометари кои Иван Чупиќ ги приклучи кон првиот тим во подготвителниот период.

За Поповски самата можност да биде дел од екипата е голема работа.

„Многу голема чест е за мене да играм за Вардар. Пресреќен сум што сум со екипата. Има многу добри и искусни играчи и многу добар тренер. Се надевам дека многу ќе научам.“

18 натпревари и само една недела одмор

Поповски зад себе има исклучително напорно репрезентативно лето.

„Ова ми е 18-ти натпревар, без да ги сметам пријателските. Тешко е. Имав само една недела одмор“.

Токму затоа не беше дел од составот на Вардар на претходниот турнир во Струга.

„Не учествував во Струга, не бев со екипата. Тренерот ми даде одмор и сега сум свеж.“

Поповски практично му се приклучи на првиот тим без претходно да помине нормален тренажен период со новите соиграчи. Од репрезентацијата доби краток одмор, а потоа веднаш влезе во натпреварувачки ритам во Охрид.

„Имам многу да учам“

Сениорскиот ракомет за него носи сосема ново искуство.

„Многу е добро искуството да играш со повозрасни играчи. Во Вардар има многу квалитетни играчи и репрезентативци. Имам многу да учам и од тренерот и од играчите. Сите се искусни, сите се професионалци.“

Посебен впечаток му оставила и поддршката што ја добива од соиграчите. Секое негово добро движење било проследено со охрабрување, а кога стигнал и првиот гол, радоста била заедничка.

„Екипата супер ме прифати. Кога ја имам топката сите ме бодрат, а кога го постигнав голот сите беа среќни и ми аплаудираа.“

Првиот гол за Вардар

Токму во Охрид дојде и моментот што Поповски ќе го памети – првиот погодок за „црвено-црниот“ тим.

„Тука беше мојот прв гол за Вардар.“

Во конкуренцијата на десната крилна позиција е најмлад.

„Сега сме тројца на крило и јас сум најмладиот. Сè зависи од одлуката на тренерот и шансата што ќе ми ја даде. Јас сигурно ќе давам сто проценти.“

За Поповски турнирот во Охрид затоа има поинаква вредност. Не се работи само за резултатите на Вардар, туку и за првите чекори во сениорскиот ракомет.
А првиот гол веќе е запишан. Следната цел е да има уште многу.