Милчо Чакарески, член на организацискиот одбор на турнирот и спортски директор на РК Струга, е презадоволен од начинот на кој мина 54. издание на традиционалниот турнир „Вангел Баљукоски – Баљук“. Организаторите веќе гледаат кон јубилејното 55. издание, а желбата е во Струга да пристигнат уште поголеми европски имиња.
На самиот финиш од 54. издание на ракометниот турнир во Струга, организаторите можат да бидат задоволни од направеното. И покрај краткиот период за подготовка и проблемите со временските услови, турнирот мина во добра атмосфера, со исполнети трибини и голем интерес кај стружани.
Милчо Чакарески, кој во минатото бил дел од турнирот како играч и тренер, а сега е во организацијата и истовремено е спортски директор на РК Струга, признава дека и самите биле позитивно изненадени од тоа како изгледаше годинашното издание.
„По нашето доаѓање на чело на клубот затекнавме многу лоша ситуација и за многу кратко време моравме да се преструктуираме. Начинот на кој помина турнирот и самата организација, искрено, и нас малку нè изненади. Турнирот мина во најдобар ред и како организација сме презадоволни“, вели Чакарески.
За него најважна е реакцијата на луѓето од Струга.
„Го слушаме гласот на стружани и Струга одамна не памети вака добро организиран турнир. Радосен сум што и натпреварите минаа во фер и коректна атмосфера, без повреди, и се надевам дека така ќе заврши сè. Задоволството кај нас е преголемо, а мислам дека тоа го чувствуваат и сите околу нас.“
Чакарески упати благодарност и до екипите кои ја прифатија поканата за настап, потенцирајќи дека дел од нив морале да прават промени во сопствените планови и календари за да бидат дел од турнирот.

Посебна тежина за организаторите имаше и настапот на домашната Струга, која стигна до борбата за третото место. Но, според Чакарески, идејата на новото раководство е многу поширока од еден резултат или едно успешно издание на турнирот.
„Интенцијата на ова раководство е турнирот да не биде нешто што ќе трае само неколку дена. Приоритет е да се поврзат турнирот и РК Струга, да има заедништво и 12 месеци во годината Струга повторно да живее за ракометот. Сакаме да градиме нова ракометна Струга и повторно да имаме спортски успеси.“
Голема улога во организацијата, според Чакарески, имала и институционалната и локалната поддршка.
„Имаме голема благодарност до Владата на Република Македонија и Министерството за спорт, кое е покровител на годинашниот турнир. Без нивната поддршка сигурно немаше да бидеме на ова ниво. Многу ми е драго што и струшката бизнис-заедница го препозна моментот и сите се сплотија со нас“, истакна Чакарески.
Една од старите идеи повторно се враќа во фокусот – отвореното ракометно игралиште да добие покриена или полупокриена конструкција. Таква замисла постоела уште во 2012 година, а Чакарески се надева дека со институционална поддршка конечно може да стане реалност.
„Имаше идеја ова ракометно игралиште да прерасне во нешто слично како во Добој, полупокриен стадион. Се надевам дека со поддршка од Владата ќе дојдеме до таа крајна цел.“
Годинашното преместување на дел од натпреварите во СЦ „Тими“ поради временските услови уште еднаш покажа колку такво решение би било важно.
„Во таков случај нема да ни се случува во последен момент од отвореното игралиште да мораме да се селиме во сала. Тоа ќе ни овозможи и да донесеме уште подобри екипи и да направиме овој турнир да биде најдобар на Балканот.“

Веќе се работи на јубилејното 55. издание. Организаторите практично нема да имаат одмор. Веднаш по завршувањето на годинашниот турнир започнуваат подготовките за јубилејот во 2027 година.
„Ќе го расчистиме игралиштето и од понеделник, со нови сили, почнуваме со организацијата на јубилејното издание. Веќе стапив во контакт со неколку реномирани екипи.“
Чакарески откри и дел од клубовите со кои веќе се прават првични контакти.
„Тука се Загреб, Партизан, а преку моите пријатели и неколку од водечките француски екипи. Ќе се обидеме јубилејното издание да биде нешто со што цела Струга ќе се гордее.“
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________

























