Одлуката на Меѓународната ракометна федерација да ја укине суспензијата за Русија и Белорусија и повторно да им дозволи учество на репрезентациите, клубовите и официјалните лица во натпреварувањата под нејзина организација предизвика силни реакции низ Европа. Иако ИХФ образложи дека одлуката е донесена по препораките на Меѓународниот олимписки комитет, неколку национални федерации јавно се спротивставија на ваквиот чекор.
Најгласни меѓу нив се Норвешка, Данска и Полска, кои сметаат дека враќањето на Русија и Белорусија испраќа погрешна порака додека конфликтот се уште трае.
Претседателката на Норвешката ракометна федерација, Ранди Густад, одлуката ја оцени како „погрешен чекор“ и истакна дека не ја поддржува одлуката на ИХФ.
„Меѓународните спортски организации се темелат на принципите на мирна соработка меѓу државите. Земја која води агресивна војна спротивна на меѓународното право не треба да биде реинтегрирана додека конфликтот трае. Таквата одлука може да се сфати како нормализација на војната“, порача Густад.
И поранешниот норвешки репрезентативец и ТВ-коментатор Бент Свеле жестоко ја критикуваше ИХФ.
„Воопшто не ми се допаѓа тоа што го прави ИХФ. Тоа нема никаква логика. Доколку Русија повторно игра на Светско првенство, тоа ќе биде огромна пропагандна победа за државата“, изјави Свеле, додавајќи дека се плаши оти и Европската ракометна федерација би можела да го следи примерот на ИХФ.
И Данската ракометна федерација јасно соопшти дека не се согласува со одлуката.
„Војната во Украина сè уште трае и затоа не сметаме дека е време за целосно враќање на Русија и Белорусија во меѓународниот ракомет. Ракометот се темели на заедништво, почит и меѓународна соработка, а тие вредности се во целосна спротивност со ситуацијата во која се наоѓа Европа“, изјави претседателот на Данската федерација, Торстен Лен.
Од Данска потенцираат дека ќе продолжат да соработуваат со останатите европски федерации во барањето за заеднички став околу ова прашање.
Со остро соопштение се огласи и Полската ракометна федерација, која соопшти дека со разочарување ја примила одлуката на ИХФ.
Полјаците нагласуваат дека изминатите четири години не донеле никакви промени во околностите што доведоа до суспензијата на Русија и Белорусија.
„Самото поминување на времето не може да биде аргумент за враќање кон спортска нормалност кога причините поради кои беа воведени санкциите остануваат непроменети. Спортот претставува вредности, а ваквите одлуки испраќаат пораки кои се далеку пошироки од самото натпреварување“, наведува Полската федерација.
Во соопштението се потсетува дека Полска уште од почетокот на руската инвазија активно ја поддржува Украина и украинскиот ракомет, а тој став, според федерацијата, останува непроменет.
Најжестока реакција пристигна од Украинската ракометна федерација, која испрати отворено писмо до претседателот на ИХФ, Хасан Мустафа, барајќи одлуката да биде преиспитана или најмалку одложена до завршување на воените дејствија.
Од украинската федерација истакнуваат дека во изминатите години ИХФ не покажала конкретна поддршка за украинскиот ракомет.
„Во изминатите пет години никој од ИХФ не ја посети Украина за лично да види што се случува. Не можете да носите одлуки од вакво значење без да ја знаете реалната состојба на теренот“, стои во писмото.
Украинците потсетуваат дека голем број спортски сали и тренинг-центри се уништени или оштетени, многу млади ракометари се принудени да живеат и тренираат во странство.
Украина побара ИХФ повторно да ја разгледа својата одлука и наместо декларативна поддршка да понуди конкретна финансиска и организациска помош за украинскиот ракомет.


























