Новиот турски суперлигаш Јозгат го реализираше трансферот на летото и во своите редови ја доведе легендарната Јелиз Озел, една од најдобрите турски ракометарки на сите времиња.
Клубот, кој оваа сезона избори историски пласман во Супер лигата на Турција, постигна начелен договор со искусната Озел, а официјалниот потпис се очекува во наредните денови.
47-Годишната Озел зад себе има богата и блескава кариера, исполнета со бројни титули во Турција и настапи на европската сцена, вклучувајќи и Лигата на шампионите. Благодарение на својата визија, лидерски квалитети и огромно искуство, Јелиз Озел важи за една од најзначајните личности во историјата на турскиот женски ракомет.
Во Јозгат веруваат дека токму нејзиното присуство ќе биде клучно во дебитантската сезона во елитното друштво и дека ќе им помогне на младите ракометарки со своето знаење и авторитет.
За македонската публика, Озел е посебно интересно име затоа што во 2004 година дојде во тогашниот европски великан Кометал Ѓорче Петров. Уште во својата прва сезона со скопскиот клуб стигна до финалето на Лигата на шампионите, а во трите сезони во Македонија постигна вкупно 136 гола во елитното европско натпреварување.
Токму периодот во Кометал Ѓорче Петров беше еден од најсилните во нејзината интернационална кариера. По една сезона во норвешки Бјасен, турската репрезентативка повторно излезе надвор од својата земја со трансферот во Скопје, а подоцна играше и за романската Валчеа. Озел потенцира дека секој трансфер и секој клуб во кој играла имале голема улога во нејзиниот развој како ракометарка.
Поранешната репрезентативка на Турција клупската кариера ја започна во Турк Телеком во 1998 година, а играше уште во низа турски клубови – Бурса, Ускудар, Анадолу Универзитет, Мили Пјанго, Јенимахал, Муратпаша, Кастамону, Измир и Јаликавак.
























