Екс ѕвезда на Вардар: Ги разбирам солзите на Меси – и ракометарите плачат!

Поранешниот руски репрезентативец и миленик на навивачите на Вардар, Данил Шишкарев, откри дека голема инспирација за него претставуваат фудбалските великани Лионел Меси, Кристијано Роналдо и Лука Модриќ, кои и во четвртата деценија од животот играат на највисоко ниво.

Во интервју за рускиот портал „Брз центар“, Шишкарев призна дека со големо внимание го следи Светското првенство во фудбал и дека е фасциниран од долговечноста на најголемите фудбалски ѕвезди.

„Ме инспирираат спортисти постари од 35 години кои сè уште играат на врвно ниво. Тоа се Меси, Роналдо, Модриќ… Искрено им се восхитувам, бидејќи знам колку е тешко да се остане во самиот врв. Не се работи само за физичката подготвеност, туку и за огромниот психолошки притисок што го носат со себе. Се сеќавате на солзите на Меси по мечот со Египет? Кога Аргентина губеше со 2-0.. Којзнае каков товар носел во себе“, изјави Шишкарев.

Русинот посебно го издвои Лионел Меси, истакнувајќи дека токму неговиот карактер го прави еден од најголемите спортисти на денешницата.

„Аргентина треба да биде среќна што во своите редови има играч како Меси. Тој никогаш не се предава, без разлика колку е тешка ситуацијата. Таквите лидери прават разлика на најголемата сцена“, смета Шишкарев.

Поранешниот десен крилен играч на Вардар се потсети и на најемотивниот момент од својата кариера – финалето на Лигата на шампионите во 2017 година, кога македонскиот шампион со гол во последните секунди го совлада ПСЖ и ја освои европската титула.

„И ракометарите плачат. По тоа финале беше невозможно да ги задржам солзите. Емоциите беа неверојатни и денес, кога ќе се сетам на тој натпревар, повторно ме полазуваат морници“, призна Шишкарев.

Шишкарев беше еден од клучните играчи во златната генерација на Вардар која двапати ја освои титулата во Лигата на шампионите, а и денес останува еден од најценетите руски ракометари на својата генерација.