Полскиот шампион Висла Плоцк продолжува со засилувањата за новата сезона, а најново име во редовите на „нафташите“ е шпанскиот дефанзивец Ориол Реј Моралес, кој пристигнува од Охрид.
Денеска Охрид објави дека Моралес заминува на негово барање, новиот негов клуб ја плати откупната клаузула и Шпанецот се пресели во ривалот на Вардар во Лигата на шампионите.
Искусниот 32-годишен ракометар потпиша двегодишен договор и ќе го носи дресот на Висла до летото 2028 година.
Реј Моралес зад себе има богата интернационална кариера. Настапуваше за Барселона, Ница, Екс Ан Прованс, Гранољерс, а последната сезона ја мина во Охрид, со кој го освои трофејот во Европскиот куп и третото место во македонскиот шампионат.
Шпанецот важи за еден од најдобрите специјалисти во одбраната. Тој двапати беше прогласуван за најдобар дефанзивец во националните првенства – во сезоната 2024/25 во шпанската Асобал лига, а во сезоната 2025/26 и во македонската Супер лига во изборот на 24Ракомет.
„Со нетрпение го очекувам почетокот на ова ново поглавје и приклучувањето кон еден одличен тим. Доаѓам во Плоцк со голем ентузијазам и желба за работа и напредок. Ќе го дадам максимумот на секој тренинг и натпревар и ќе ја оставам душата за овој клуб и моите соиграчи за заедно да се бориме за големи успеси“, изјави Реј Моралес по потпишувањето на договорот.
Со овој трансфер, Охрид останува без еден од своите најважни дефанзивци, додека Реј Моралес добива нов предизвик во редовите на еден од најсилните клубови во Полска и редовен учесник во Лигата на шампионите.
Се огласија од Охрид: Клубот не сакаше разделба, Моралес побара да си оди

























