Се огласија од Охрид: Клубот не сакаше разделба, Моралес побара да си оди

Шпанскиот дефанзивец Ориол Реј Моралес не е повеќе член на амбициозниот македонски клуб Охрид. Тој ќе продолжи во полскиот вицепрвак Висла Плоцк.

Охриѓани се огласија на социјалните мрежи и потврдија дека клубот не сакаше да се раздели со играчот, но на негово барање беше активирана излезната клаузула.

„ГРК Охрид ја информира јавноста дека Ориол Реј Моралес повеќе не е член на нашиот клуб. Иако клубот апсолутно не беше за разделба со еден од своите клучни дефанзивци пред истекот на неговиот договор, на барање на играчот беше активирана излезната клаузула, а полскиот шампион Висла Плоцк го откупи неговиот договор. Му благодариме на Ориол за посветеноста и придонесот во дресот на ГРК Охрид и му посакуваме успех и во понатамошната кариера“, се вели во објавата на охриѓани.

Шпанецот мина една сезона во Охрид и имаше големи заслуги за првиот трофеј во историјата на клубот во ЕХФ Европскиот Куп.