Македонската репрезентативка Сара Стефаноска направи нов чекор во својата интернационална кариера и од следната сезона ќе настапува во една од најсилните женски лиги во Европа.
По една сезона во романскиот Залау, левиот бек се пресели во амбициозниот Естерхази, клуб кој избори пласман во унгарската елитна конкуренција и веќе го склопува играчкиот мозаик.
Со новиот клуб, Стефаноска ќе има можност да игра против европски великани како Ѓер, Ференцварош, Дебрецен и останатите екипи од едно од најквалитетните национални првенства во Европа.
Пред настапите во Романија, Стефаноска остави силен впечаток во дресот на српска Јагодина, каде со одличните игри го привлече вниманието на повеќе европски клубови.
Стефаноска потекнува од Кичево, а во 2020 година направи трансфер во Вардар, каде брзо се наметна како една од најдобрите млади ракометарки и редовно беше меѓу најдобрите стрелци на тимот.
Во 2023 година блесна на Ф4 турнирот во младинска конкуренција, кога со Вардар го освои шампионскиот трофеј, а беше прогласена за МВП, најдобар стрелец и најдобар лев бек на завршниот турнир. Истата сезона беше еден од клучните играчи и во сениорскиот тим, кој обезбеди пласман во финалето на Купот на Македонија.
Стефаноска ги мина сите младински селекции на Македонија, а веќе е стандарден член на сениорската репрезентација, со која настапи и на Европското првенство 2024. Новиот ангажман во силната унгарска лига претставува уште еден значаен исчекор во кариерата на една од најперспективните македонски ракометарки.

























