Голем пад на познат клуб: Од елита директно во третолигашко друштво!

Унгарскиот клуб Комло доживеа сериозен удар. Иако минатата сезона испадна од елитната лига дури во последното коло и имаше право да настапува во Втората лига, раководството одлучи да се повлече од натпреварувањето поради финансиски и организациски причини.

Клубот, кој 12 години беше дел од унгарската елита, соопшти дека актуелното раководство морало да донесе тешка, но одговорна одлука за да обезбеди стабилна иднина.

„Поради околности кои не зависат од сегашното раководство, не сме во можност да учествуваме во Втората лига во наредната сезона. Наш приоритет останува зачувувањето на ракометната традиција во Комло и стабилниот развој на клубот“, стои во соопштението.

Покрај повлекувањето од Втората лига, клубот ќе направи и целосна реорганизација на младинската школа. Сите младински категории ќе преминат под капата на друг градски клуб, со цел младите ракометари да продолжат со непречен развој.

Од клубот најавија дека работат на тоа сениорскиот тим да биде пријавен во Третата лига за сезоната 2026/27, со надеж дека тоа ќе биде почеток на ново стабилно поглавје.