Данска пресилна за Македонија – следува разигрување за пласман на ЕП

Машката младинска репрезентација загуби третпат на Европското првенство во Романија, откако Данска беше подобра и славеше со 34-20. Сега за Македонија следува разигрувањето за пласман од 13 до 24 место на континенталниот собир.

Утре е слободен на Европското првенство во Клуж и Турда, па младинците и стручниот штаб ќе имаат време за анализа на досега одиграното и подготовка за следните пет меча во понеделник, вторник, а потоа во четврток, петок и недела.

Македонија е веќе пласирана на следното СП 2027 како домаќин, па не мора да се грижи околу тоа, бидејќи на Мундијалот ќе играат селекциите што ќе се пласираат до 15 место на ова ЕП.

Мечот со Данска беше решен уште по првите десетина минути кога ривалот поведе со 7-1, а потоа се беше формалност. Имаше Македонија повремени блесоци во првиот дел, напад и за минус четири, но на паузата Данците отидоа со плус седум, 15-8.

На стартот на второто полувреме веќе беше 17-8 и немаше возбудувања на теренот, па се играше само рутински на двете страни. Тевдоски и Славков во финишот добија црвени картони поради трите исклучувања, но тоа не влијаеше врз резултатот.

Голманите Николовски и Младенов комбинираа девет одбрани, а меѓу стрелците по четири гола дадоа Поповски и Ѓурмешевиќ. Кај Данска, шест погодоци запиша Јенсен, а голманот Дарслагард имаше десет одбрани.