Олимписки шампион во Лос Анџелес – Дамгард е новото големо име во американскиот проект!

Амбициозниот проект на Лос Анџелес продолжува да привлекува звучни имиња од европскиот ракомет. Нов член на американскиот клуб е 36-годишниот дански ас Микаел Дамгард, олимписки шампион и светски првак со Данска.

Левиот бек пристигнува од данскиот ХОЈ, клуб кој минатата сезона испадна од елитното првенство, а во својата богата кариера остави длабока трага и во дресот на Магдебург, со кој ги освои Бундес лигата и Лигата на шампионите.

Со репрезентацијата на Данска, Дамгард беше дел од генерацијата што го освои олимпиското злато на Олимписките игри во Рио 2016, како и светската титула во 2023 година.

Неговиот ангажман е уште еден доказ за сериозните амбиции на Лос Анџелес, кој во пресрет на Олимписките игри во 2028 година продолжува да составува тим исполнет со големи европски ѕвезди. Дамгард ќе биде едно од најискусните и најпрепознатливите имиња во новиот американски проект, чија цел е дополнително да го популаризира ракометот во САД.

Претходно за Лос Анџелес потпишаа имиња како Вилијам Акамбре, Мортен Олсен, Мими Краус…