Вујовиќ во ист ден промовиран во два клуба – во Плоцк на една сезона, во Љубљана до 2030!

Полскиот шампион Висла Плоцк и ривал на Вардар во Лигата на шампионите експресно ја пополни празнината на голманската позиција по заминувањето на Торбјорн Бергеруд во данската Фредериција.

Нов чувар на мрежата на „нафташите“ е словенечкиот репрезентативец Милјан Вујовиќ, кој пристигнува на едногодишна позајмица од Слован Љубљана и ќе го носи дресот на Висла во сезоната 2026/27.

Висла Плоцк и Слован Љубљана го промовираа Вујовиќ како нивни член. Голманот, кој имаше активен договор со Слован до 2028 година, ја продолжи соработката за уште две сезони и по завршувањето на позајмицата во Плоцк ќе се врати во Љубљана каде ќе остане до 2030 година.

Дваесет и петгодишниот Вујовиќ, кој потекнува од Цетиње, и покрај младата возраст зад себе има богато интернационално искуство. Во својата кариера настапуваше за Ловќен, Горење Велење, Целје, германскиот Штутгарт каде мина четири сезони. Воедно е стандарден член на репрезентацијата на Словенија и има настапи во Лигата на шампионите.

„Голема чест ми е што ќе го носам дресот на Висла Плоцк. Ова е клуб кој секогаш се бори за трофеи и подготвен сум да дадам сè од себе за да помогнам во остварувањето на сите цели. Со нетрпение ги очекувам дерби натпреварите против Келце и атмосферата пред нашите навивачи“, изјави Вујовиќ.

Тој ќе биде третиот словенечки репрезентативец во Висла Плоцк по Митја Јанц и Миха Зарабец.

Со ангажманот на Вујовиќ, Висла Плоцк го комплетира голманскиот тандем со Мирко Алиловиќ за новата сезона, во која повторно ќе атакува на титулите во Полска и на добар резултат во Лигата на шампионите.