Францускиот Нант официјално објави дека машката и женската екипа отсега ќе функционираат под иста организациска структура.
Одлуката доаѓа неколку години откако женскиот клуб беше исфрлен од елитната конкуренција поради сериозни финансиски проблеми. Во меѓувреме, тимот се натпреваруваше во Втората лига, каде минатата сезона заврши на претпоследното место.
Со обединувањето, повеќе од 200 ракометарки, тренери и членови на стручните штабови ќе бидат дел од единствениот клуб и ќе настапуваат под препознатливите виолетови бои на Нант.
Од клубот потенцираат дека целта не е краткорочно решение, туку создавање стабилен и одржлив проект.
„Нашата цел не е само да го спасиме женскиот клуб. Сакаме да изградиме долгорочен и одржлив проект, како и да продолжиме со развојот на младите ракометарки. Ќе бевме критикувани доколку не му дадевме поддршка на женскиот ракомет“, порачаа од Нант.
Со оваа одлука, францускиот клуб се надева дека полека ќе го врати женскиот тим на највисокото ниво и повторно ќе биде конкурентен во францускиот ракомет.
























