Веспрем и во сезоната 2026/27 ќе продолжи со истото истиот главен партнер, откако телекомуникациската компанија „ONE“ и унгарскиот ракометен гигант ја продолжија стратешката соработка за уште една година.
Но оваа вест доаѓа во чувствителен момент за унгарскиот спорт, по шпекулациите дека по промената на власта во земјата новата гарнитура нема со ист интензитет да го поддржува спортот, во кој досега се влеваа сериозни пари.
Токму затоа пораката од Веспрем има и поширока тежина. Овој клуб не е обичен спортски колектив, туку институција во европскиот ракомет. А за да се остане на тоа ниво и да се напаѓаат врвни резултати, потребна е и врвна, сериозна финансиска поддршка. Продолжувањето на соработката со „ONE“ во таков момент е силен сигнал дека Веспрем не планира да излезе од кругот на најсилните, туку дека и натаму ќе гради тим способен за највисоки цели.
Во официјалното соопштение на клубот се наведува дека оваа компанија останува главен спонзор и во следната сезона, со што продолжува партнерството што почна на почетокот на 2025 година, кога тимот почна да настапува под името Веспрем ОНЕ а подоцна и арената го доби името ОНЕ Веспрем Арена.
За сезоната 2026/27 Веспрем ги промовира трите големи засилувања – данскиот голман Емил Нилсен, данскиот пивот Лукас Јоргенсен и унгарскиот репрезентативец Имре Бенце.
Со такви потези Веспрем јасно става до знаење дека размислува амбициозно. Тоа е и можеби најсилниот доказ дека најголемите унгарски екипи и натаму ќе останат конкурентни, без разлика на политичките промени и на приказните што се отворија околу можните нови приоритети во државното трошење.
Целите остануваат исти и високи. Веспрем во новата сезона ќе се обиде да ја одбрани титулата во унгарското првенство и трофејот во Купот на Унгарија, а во Лигата на шампионите повторно ќе тргне со намера да биде дел од најсилните.

























