Црногорскиот голман Василије Печурица ќе ја продолжи кариерата во својата татковина. По една сезона мината во дресот на Тиквеш, 24-годишниот чувар на мрежата потпиша за амбициозниот црногорски клуб Будванска Ривиера.
Со Будванска Ривиера, Печурица ќе биде дел од регионалната лига и одново ќе игра против македонски клубови – Охрид и Вардар.
Црногорецот беше еден од најдобрите поединци во составот на кавадаречкиот тим во изминатата сезона и даде значаен придонес во обезбедувањето место во плеј-офот на Супер лигата, потврдувајќи ги своите голмански квалитети.
Неговата македонска авантура започна во вториот дел од сезоната 2021/22, кога го засили составот на Струга. Потоа следуваше трансфер во Еурофарм Пелистер, каде што најпрво бранеше за вториот тим, а во сезоната 2024/25 беше дел и од првиот тим на битолчани.

























