Македонски репрезентативец го засили Охрид!

Средниот бек Мартин Ивановски се враќа во својот матичен клуб Охрид ова лето. Македонскиот репрезентативец ќе биде седмото засилување за „гладијаторите“ кои формираат силен ростер и влегуваат со уште поголеми амбиции во претстојната сезона.

Ивановски потекнува од Охрид, своевремено беше дел и од камп на унгарскиот гигант Веспре, а во времето на Раде Стојановиќ доби шанса да биде дел од првиот тим на „гладијаторите“.

Потоа се пресели во Еурофарм Пелистер 2, каде ги покажа своите квалитети, а во пролетниот дел од сезоната 2024/25 се пресели во Автокоманда, каде играше под водство на Кирил Лазаров и стана сениорски репрезентативец.

Во Автокоманда не сметаа на неговите услуги на долг рок, па се разделија ова лето, а сега Ивановски се враќа во својот матичен клуб, каде ќе ја дели позицијата со уште еден македонски репрезентативец Мартин Карапалевски и Словенецот Тилен Стрмљан.

Ангажманот на Ивановски значи дека во претстојната сезона јапонскиот среден бек Косуке Јасухира нема да остане во Охрид и ќе го одработи договорот со Бурган од Кувајт.

Претходно Охрид се засили со голманот Дино Славиќ, десниот бек Доминик Мате, левото крило Адама Кеита, средните бекови Никола Зечевиќ и Мартин Карапалевски, како и кружниот напаѓач Шуичи Јошида.