Германскиот великан Кил е во потрага по нов тренер по заминувањето на Филип Јиха, а според германските медиуми, главен кандидат за преземање на кормилото е норвешкиот стратег Бјорге Лунд.
„Kieler Nachrichten“ објави дека актуелниот тренер на Елверум е прв избор на раководството на „зебрите“ за наследник на Јиха, кој си заминува по третата последователна сезона во која Кил не успеа да обезбеди место во Лигата на шампионите.
Лунд го предводи Елверум од 2020 година, а во изминатата сезона норвешкиот клуб заврши на третото место во плеј-офот од домашното првенство. Интересно е што тој добро ја познава средината во Кил, бидејќи како играч го носеше дресот на германскиот гигант во периодот од 2007 до 2010 година.
Од клубот засега не сакаат да ги коментираат шпекулациите.
„Свесни сме дека во наредните денови речиси секое големо тренерско име во светскиот ракомет ќе биде поврзувано со Кил. Како и досега, нема да коментираме гласини, туку мирно ќе продолжиме да работиме во потрага по најдоброто решение за клубот“, изјави извршниот директор на Кил, Виктор Силаѓи.
Се очекува раководството на Кил во следниот период да донесе конечна одлука за човекот кој ќе има задача да го врати клубот во европскиот врв и повторно да обезбеди настап во елитната Лига на шампионите.























