Покрај проектот за нова сениорска регионална лига, во регионот веќе е договорено и натпреварување за младински национални селекции до 17 години.
Ова во интервју за 24Ракомет го откри Предраг Бошковиќ, потпретседател на ЕХФ, кој најави дека проектот треба да почне од октомври.
Станува збор за регионално натпреварување во машка и во женска конкуренција, во кое треба да учествуваат национални селекции, а не клубови. Целта е младите играчи да добијат повеќе квалитетни меѓународни натпревари, а федерациите подобар увид во развојот на новите генерации.
„Разговаравме многу и за младинските категории. Не сакавме да им создадеме дополнителни трошоци на клубовите, да им кажеме дека треба да играат и кадетска лига до 17 години со истите клубови. Затоа направивме поинаков модел. Формираме натпреварување со национални селекции до 17 години, во машка и во женска конкуренција. Проектот е договорен и треба да почне од октомври.“
Според планот, во натпреварувањето треба да бидат вклучени 12 национални федерации. Првите две сезони ќе бидат наменети за генерацијата 2010 и помлади, а потоа ќе следи нова генерација.
„Во сезоните 2026/27 и 2027/28 треба да играат играчи родени 2010 година и помлади. По две години ќе се смени генерацијата. Целта е да се обезбеди квалитетно натпреварување за младите, но и да се намалат трошоците. Наместо клубовите да патуваат постојано, ќе се играат турнири. Секоја држава би организирала по еден турнир во својата група.“
Ваквиот модел е избран за да не се создаде дополнителен финансиски притисок врз клубовите, но и за да се обезбеди подобра организација. Наместо клубска кадетска лига, системот ќе оди преку федерациите и националните селекции.
Бошковиќ смета дека ова натпреварување може да биде многу важно за развојот на младите ракометари и ракометарки во регионот.
„На тој начин младите ќе добијат повеќе меѓународни натпревари, федерациите ќе имаат подобар увид во развојот на генерациите, а регионот ќе добие посилна база на играчи. Тоа е многу важно, затоа што сите гледаме дека репрезентациите од регионот заостануваат зад најдобрите европски селекции. Ако сакаме тоа да се промени, мора да почнеме од младите.“
Натпреварувањето треба да биде организирано во групи, со турнири во различни земји. На тој начин младите селекции ќе добијат континуитет, а федерациите ќе можат да ги следат играчите во посериозен меѓународен ритам.
Според Бошковиќ, ова е еден од најконкретните проекти што веќе е договорен, за разлика од сениорската регионална лига, која се уште е во фаза на поставување на моделот и усогласување со календарите.
„Проектот е договорен, затворен и треба да почне од октомври. Идејата е заедничка, а целта е да се создаде подобра основа за иднината на ракометот во регионот.“
Со ова, регионот би добил натпреварување кое не е насочено само кон резултат, туку пред се кон развој – повеќе натпревари за младите, повеќе можности за селекција и поголем простор за создавање нова генерација играчи.
Целото интервју прочитајте го на следниот линк – https://24rakomet.mk/intervju-predrag-boshkovik-regionalnata-liga-nosi-novi-rivalstva-i-pogolema-vrednost-za-makedonskite-klubovi/
____________________________________________________________________________________________________
Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________






















