Актуелниот тренер на ЖРК Ѓорче Петров, Александар Царчев, и во иднина ќе остане дел од клубот, но ќе има и нова улога. Искусниот ракометен стратег ќе биде спортски директор на македонскиот шампион, а паралелно ќе продолжи да работи и со најмладите категории во клубот.
Ова е потег со кој Ѓорче Петров сака да го зацврсти системот однатре, а не само да размислува за сениорскиот тим. Клубот кој сезонава ја освои двојната круна и ќе игра во Лига Европа, и сака да изгради стабилна спортска структура, со човек кој добро го познава македонскиот ракомет, работата со голмани, но и процесот на развој на млади ракометарки.
Царчев во текот на оваа сезона го презеде првиот тим на Ѓорче Петров и беше дел од успешната приказна на „лавиците“, кои повторно ја потврдија доминацијата на домашната сцена. Претходно тој веќе работеше во клубот, беше дел од Ѓорче Петров 2 и ја водеше пионерската екипа. Царчев беше прогласен и за најдобар тренер на сезната во изборот на 24Ракомет.
Станува збор за име со големо ракометно искуство. Како играч, Царчев беше еден од најпознатите македонски голмани, со кариера која траеше повеќе од три децении. Ракометниот пат го почнал како крило, но случајно застанал на голот и таму останал целата кариера. Низ годините го носеше дресот на Вардар, беше дел од Пелистер, а имаше и интернационално искуство во Шпанија. По завршувањето на играчката кариера, Царчев се посвети на тренерската работа, особено на развојот на голманите.
Во тренерската кариера работеше во машкиот и женскиот Вардар, беше дел од стручните штабови на македонските репрезентации, работеше со голманите, а имаше и интернационален ангажман во Саудиска Арабија. Во женскиот ракомет, пак, има сериозно искуство како тренер и како дел од проекти во кои се создаваа млади ракометарки.
Интересно, Царчев сезонава со Ѓорче Петров стигна и до финалето на Купот како тренер на четврта различна екипа во женска конкуренција. Претходно тоа го направи со неколку тимови на Вардар, а со ѕвездениот состав на вардарки има освоено и Куп-трофеј во периодот кога клубот доминираше во македонскиот женски ракомет.
Новата улога во Ѓорче Петров треба да му овозможи да биде вклучен во поширокото функционирање на клубот – од спортската политика, преку селектирањето и развојот на играчки кадар, до работата со најмладите категории.























