Познат терминот за меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ во Прилеп

Меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ во чест на прилепската легенда ова лето ќе се одржи по 11 пати.

Организаторот, екипата на Прилеп, ги објави датумите кога ќе се играат натпреварите од традиционалниот турнир.

Покрај домаќинот, на турнирот ќе играат уште четири домашни екипи и една странска, но допрва треба да бидат потврдени.

„Од 20 до 23 август, Прилеп повторно ќе биде центарот на ракометните случувања и ќе ја продолжи традицијата на турнирот кој го носи името на еден од најдобрите прилепски ракометари – Миле Нешкоски. Миле Нешкоски остави длабока трага во прилепскиот и македонскиот ракомет, настапувајќи за РК Тутунски Комбинат Прилеп и претставувајќи го својот клуб и град и на европската сцена. Неговата посветеност, борбеност и љубов кон ракометот остануваат инспирација за генерациите што доаѓаат. Во негова чест, РК Прилеп веќе единаесетта година го организира меморијалниот турнир, кој прерасна во еден од најпрепознатливите ракометни настани во Македонија и регионот. Турнирот не е само спортски настан, туку и потсетник дека вистинските легенди никогаш не се забораваат“, се вели во објавата на клубот.

За жал, оваа година, иако имаше можност турнирот да се игра во последниот викенд од август, организаторот реши да се игра од 20-23 август и ќе се поклопи со меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ во Охрид кој се игра од 18 до 22 август, па љубителите на ракометот ќе мора да бираат кои натпревари ќе ги следат.