Македонскиот вицепрвак Чаир го продолжува ремонтот на ростерот за претстојната сезона во која ќе влезе со уште повисоки амбиции.
Седмото засилување за составот на Басри Љатифи е левото крило Стефанија Ѓорѓиевска, која се враќа во Чаир по една сезона.
Ѓорѓиевска ја освои двојната круна со Ѓорче Петров во штотуку завршената сезона, а сега се враќа во Чаир, каде играше долго време пред преселбата кај „лавиците“. Претходно го носеше дресот и на Вардар.
Чаир ќе игра на четири фронта наредната сезона. Екипата е пријавена за настап во ЕХФ Европскиот Куп, а покрај настапите во Супер женската лига и во Купот на Македонија, ќе биде дел и од регионалната лига во група со Ѓорче Петров, словенечката Ајдовшчина, српската Наиса Ниш и црногорската Левалеа.
Претходно Чаир ги донесе бековите Михаела Кралева, Нора Махмуд, Роуан Ел Шарбини и Стефани Ристиќ, десното крило Росана Павлова, како и пивотот Михаела Велјаноска.























