Дамјаноска се раздели со Ѓорче Петров: Овде не пораснав само како играч, туку и како човек…

Македонската репрезентативка Катерина Дамјаноска по четири сезони заминува од шампионот Ѓорче Петров.

Кружниот напаѓач ќе има нов предизвик во кариерата надвор од Македонија, а на социјалните мрежи се прости од „лавиците“.

„После 4 незаборавни години, дојде време да кажам збогум на еден клуб кој засекогаш ќе остане дел од мене. Овде не пораснав само како играч, туку и како човек и пријател. Стекнав искуство кое ќе го носам цел живот, создадов пријателства кои знам дека ќе траат засекогаш и поминав моменти кои нема да се заборават. Многумина не веруваа во нас, но ние секогаш зборувавме на терен и заедно покажавме што значи борба, карактер и тим. Освоивме трофеи, испишавме успеси и поминавме моменти што ќе ги носам засекогаш со мене. Благодарна сум за секоја шанса, поддршката и за довербата во мене низ сите овие години. Чест ми беше да го носам овој дрес“, напиша Дамјаноска.

Пред настапите за Ѓорче Петров, со кој освои осум титули во Македонија, Дамјаноска беше дел од составот на Вардар.