Ѓорче Петров го задржа ALL STAR крилото – Емилијана Ризоска останува и следната сезона

ЖРК Ѓорче Петров ја продолжува политиката на континуитет и задржување на јадрото за новата сезона. Најдоброто лево крило во изборот на 24Ракомет сезонава, Емилијана Ризоска ќе го продолжи престојот кај „лавиците“ и следната сезoна.

Покрај засилувањата, од Македонија и од странство, управата на ѓорчепетровки работи и на задржување на играчите за кои смета дека можат да одговорат на предизвикот, а Ризоска која е репрезентативка на Македонија е меѓу стандардните играчи.

Битолчанката во Ѓорче Петров пристигна во 2022 година, како засилување и е дел од најголемите клупски успеси, шампионските титули, куп, настапите во Европа.

Ѓорче Петров добива стабилност на левата страна и уште една важна алка во ростерот со кој ќе атакува на нови домашни цели и конкурентен настап во Европа. Во следната сезона скопјани се пријавија за настап во Лига Европа, а покрај тоа ќе играат и во Регионалната лига.

Претходно Ѓорче Петров ги донесе Црногорките Нина Вуксановиќ (голман), Аника Јовановиќ (десно крило) и Ангела Губериниќ (пивот), како и Ана Марија Коларовска, а ги задржа Мила Ѓорѓиевска, Ана Вранчиќ, Ива Велкова и Анастасија Трпеска.