Глигоров испиша историја со Кастриоти – по 15 години му донесе шампионска титула!

Македонскиот тренер Владимир Глигоров продолжува да реди успеси на меѓународната сцена. Стратегот од Македонија ја предводеше екипата на Кастриоти до шампионската титула во Косово, комплетирајќи историска сезона за клубот од Феризај.

Кастриоти во четвртиот финален натпревар славеше на гостувањето кај Раховеци со 25-23 и со вкупни 3-1 во победи го освои шампионскиот пехар. На тој начин тимот стави крај на 15-годишното чекање за титула и го симна од тронот актуелниот шампион, кој доминираше во косовскиот ракомет во последните две сезони.

За Глигоров ова е уште еден голем успех, бидејќи покрај шампионската титула, сезонава со Кастриоти го освои и Купот на Косово, комплетирајќи двојна круна.

Македонскиот стратег веќе се етаблира како едно од најуспешните тренерски имиња во косовскиот ракомет. Со освоените трофеи сезонава, неговото конто порасна на вкупно пет пехари. Во 2024 година го освои Купот со Кастриоти, а претходно до шампионски и куп-трофеи стигнуваше и како тренер на Беса.

Со новата титула, Глигоров, кој е некогашен селектор на женската селекција на Македонија со која го освои седмото место на ЕП 2008 година, уште еднаш потврди дека е меѓу најзаслужните за подемот на Кастриоти и враќањето на клубот на врвот на косовскиот ракомет.