Пелистерци стартуваат со тренинзи на крајот на јули, дел од подготовките во Словенија

Лино Червар и официјално ја започна својата битолска мисија. Легендарниот хрватски стратег, кој воедно ја најави и својата последна тренерска мисија во кариерата, денеска беше претставен пред јавноста како нов предводник на Еурофарм Пелистер.

Искусниот тренер, зад кого стојат повеќе од пет децении работа и бројни трофеи на клупски и репрезентативен план, пристигна во Битола со јасна цел, да го пренесе своето огромно знаење и да го води клубот кон нови успеси на домашната и европската сцена.

Червар го претстави својот стручен штаб, во кој нема да има промени во однос на претходниот период. Негови најблиски соработници ќе бидат Алексо Лембанов во улога на прв асистент, Ице Соколески како тренер на голманите и Александар Марковски, кој ќе биде задолжен за физичката подготовка на екипата.

Подготовките за новата сезона битолчани ќе ги стартуваат на 26 јули. По воведниот дел од тренажниот процес во Битола, тимот ќе замине на подготовки во Словенија, каде што Червар ќе ја гради формата на составот пред почетокот на новата натпреварувачка сезона.