Охрид по историското освојување на ЕХФ Европскиот куп ќе побара од Европската ракометна федерација подобар европски статус за следната сезона, односно „надградба“ за настап во Лига Европа. Според актуелната ситуација и новиот систем на ЕХФ, шансите охриѓани да добијат директно место во ова натпреварување се сериозни, особено поради фактот што клубот стана европски шампион во третото по ранг клупско натпреварување.
Ваквиот развој на настаните го потврди и Кирил Пецаков, градоначалникот на Охрид во изјавата за 24ракомет, потврдувајќи дека следната амбиција на клубот е настап во Лига Европа.
По најголемиот успех во клупската историја, Охрид нема намера да застане само на освоениот трофеј во ЕХФ Европскиот куп. Ова барање доаѓа во момент кога Охрид има силни спортски аргументи. Македонскиот тим ја освои европската титула по две победи против унгарската Татабања – прво славеше на гости со 29-28, а потоа во преполната сала „Билјанини Извори“ победи со 31-25 и го крена трофејот пред својата публика.
Со тој успех, Охрид ја заврши сезоната како победник на ЕХФ Европскиот куп, а тоа е резултат кој сериозно ја зголемува тежината на евентуалното барање за место во ЕХФ Европската лига. ЕХФ веќе го потврди новиот систем за сезоната 2026/27. ЕХФ Европската лига кај мажите ќе стартува со 32 екипи во групна фаза, распоредени во осум групи по четири тима, без претходни квалификациски натпревари.
Според распределбата, 36 екипи имаат основно место во Европската лига, но дел од нив може да бидат префрлени во Лигата на шампионите преку „апгрејд“. Поради тоа се отвораат дополнителни места, а ЕХФ предвиде и две места за клубови од федерации кои немаат фиксно место ниту во Лигата на шампионите, ниту во Европската лига. Дополнително, ЕХФ задржува право да додели и вајлд-карта.
Токму тука Охрид ја гледа својата шанса. Македонскиот клуб веќе има европски трофеј, силна домашна поддршка, полна сала во финалето и сезона во која покажа дека може да се носи со сериозни европски противници.
View this post on Instagram
ЕХФ во своите најави пред финалето истакна дека Охрид во сезоната имал 10 победи во натпреварувањето и само еден пораз, а посебно ја потенцираше силната одбрана и настапите на голманот Кристијан Пилиповиќ. Сега се тим кој го освои Купот на ЕХФ со 11 победи од 12 натпревари.
Во истата анализа беше наведено дека Македонија може втора сезона по ред да добие освојувач на ЕХФ Европскиот куп, откако претходно трофејот го освои тимот од Автокоманда. Тоа дополнително ја засилува позицијата на македонскиот клупски ракомет во европски рамки.

Иако конечната одлука ќе ја донесе ЕХФ, Охрид има основа да верува дека може да добие место во ЕХФ Европската лига. Ова натпреварување носи посилен квалитет, поголема видливост, повеќе атрактивни противници и сериозен чекор напред за клубот.
Во следниот период ќе биде познато како ќе се распределат европските места и кои клубови ќе добијат дополнителни покани. За Охрид, најважно е што во рацете има аргумент кој не може да се игнорира – европски трофеј.
Ако ЕХФ го прифати барањето, Охрид следната сезона би можел директно да биде дел од ЕХФ Европската лига, што би било нов голем чекор за клубот и уште една потврда дека македонскиот клупски ракомет останува видлив и конкурентен на европската сцена.
























