Еурофарм Пелистер сака да ги задржи – Кузмановски и Манасков добија нови понуди, се чека конечен договор

Еурофарм Пелистер се уште го нема затворено ростерот за наредната сезона, а наскоро треба да биде дефиниран статусот на Филип Кузмановски и Дејан Манасков.

Капитенот Кузмановски доби нова понуда и можност за договор на две сезони, додека Манасков има понуда за договор на една сезона.

Претседателот на Еурофарм Пелистер, Зоран Стерјев, откри дека клубот на двајцата им ги достави своите понуди и се чека нивниот одговор.

„Во однос на Кузмановски и Манасков, ситуацијата е отворена. Клубот има желба двајцата да останат им дадовме понуди. На двајцата има понудивме нови договори, сме во преговори, клубот максимално ги почитува двајцата играчи и во нашите можност правиме се тие да бидат дел од ростерот наредната сезона. Сметаме дека сите услови и можности кои им се понудени се одлични и треба да бидат прифатени, сето тоа е во можностите на клубот, бидејќи се работи за клубот со стабилност и високи цели, мислам дека треба да биде преовладувачки фактор и на крајот на денот ова е клуб што за двајцата направи многу. Задоволството наше од прикажаното од минатите сезони е големо, меѓутоа и тие знаат дека минатата сезона не беше успешна за нас со неостварени цели, па во рамките на тоа кога сте добри добивате награди, кога не сте, останувате на тоа што сте го имале, затоа што казната во нашиот клуб не постои“, изјави Стерјев.

Тој најави уште едно или две засилувања за битолчани за наредната сезона.

„Очекуваме уште едно или две засилувања, и тоа многу брзо ќе го објавиме, па на сите позиции ќе имаме младост и квалитет, со жар за победи. Она што сакам да го напоменам е дека последните засилувања кои дојдоа се по желба на Червар, тренерот е тој што ја прави селекцијата на играчи“, заврши Стерјев.