ОХРИД Е ШАМПИОН! Татабања немоќна на патот кон историскиот европскиот трофеј

Охрид е нов шампион во Европскиот Куп, откако во преполниот спортскиот центар „Билјанини извори“ ја совлада унгарската екипа Татабања со 31-26 (12-11). Со две победи во двете финални натпревари Охрид ја освои првата клупска титула, во својата историја.

Почетокот на дуелот најави неизвесна и беспоштедна борба за трофејот. Голманите Пилиповиќ и Андо имаа свои моменти во текот на дуелот и тоа ја диктираше предноста на терен. На почетокот предноста и иницијативата им припадна на гостинските ракометари, но Охрид беше екипата која прва се одлепи на посериозна разлика. Охриѓани имаа и напад за „плус четири“, но наместо предност и мирен финиш на првиот дел, низа промашувања ги вратија гостите во игра. Кулминација на лошата игра за домашните заврши со црвен картон за Анте Иванковиќ по спектакуларната сцена на Григорас кој доби удар во главата и театрално заврши на подот, а судиите наместо исклучување покажаа директен црвен картон.
Во 21 минута Татабања го изедначи резултатот, а по грешното додавање на Савревски во нападот и поведе со 10-9. Но токму во тие моменти се разбуди Охрид, Пилиповиќ имаше свои минути, одбраната успеа да пресече неколку топки, а Охрид да ја врати предноста од два гола што ја имаше на средина на првиот дел. Сепак во последните секунди пред паузата унгарските ракометари ги поставија конечните 12-11 за минимална преднос на Охрид.

Паузата внесе позитивен бран во составот на Ројевиќ. Агресивна одбрана, брзи акции и високи 15-11 по само три минути игра го принуди гостинскиот тренер на нов „тајм-аут“. Овојпат немаше позитивен ефект за гостинските ракометари кои грешеа во нападот, а Охриѓани ја зголемија предноста на 17-12 (Саврески, 33′).

Во средината на второто полувреме гостите успеаа да ја намалат високата разлика и да ја вратат неизвесноста на овој дуел. Во период во кој Татабања ја заостри агресивноста во одбраната и постојано играше на раб на исклучување, унгарскиот состав успеа дојде „на минус два“. На 15 минути до крајот на натпреварот тренерот на домаќините Ројевиќ се одлучи за минута одмор, откако на семафорот се испиша резултатот 22-20. Но неизвесноста продолжи, а агресивноста на гостинските ракометари го чинеше Филип Талески црвен картон во 47 минута. Во финишот на натпреварот судиите го заострија и критериумот, па затоа и се зголеми бројот на исклучувања во двете екипи, но предноста на Охрид од три погодока беше најчест декор на семафорот.

На четири минути до финишот, Охрид имаше четири голови предност 29-25, разлика која му гарантираше мирна завршница. Во трка со времето гостинските ракометари грешеа, во нападите, па затоа домашните ракометари дојдоа и до највисока разлика од плус шест 31-25 со која заврши дуелот.

 

По првиот дуел Охрид имаше предност од еден гол, 29-28. Разлика која успеа да ја одбрани и во Охрид и со убедливи две победи ја освои титулата во Европскиот куп.