Екипата на Мелсунген го освои трофејот во Лигата на Европа, откако славеше во финалниот натпревар од Ф4 турнирот во Хамбург против екипата на Кил со 24-23, во меч кој донесе голема драма и неизвесност во финишот. Мелсунген двапати загуби од Вардар во групната фаза, но на крајот го освои трофејот во второто по ранг европско клупско натпреварување.
Со оваа победа, Мелсунген има шанси да се надева на место во Лигата на шампионите наредната сезона, но ќе мора да навива Фуксе Берлин да не ја освои титулата на Ф4 во Келн.
Ова е историски трофеј за Мелсунген, прв на европска сцена во клупската историја, а творецот на успехот е некогашното дуо на Вардар, тренерот Роберто Гарсија Парондо и десниот бек Даинис Кристопанс.
Целиот натпревар беше израмнет, а во последната минута се влезе со реми, 23-23. Тогаш Давид Мандиќ погоди по асистенцијата на Даинис Кристопанс, а потоа останаа петнаесетина секунди за Кил да го однесе мечот во продолженија. Сепак ударот на Кил не заврши во мрежата на Мелсунген, па можеше да почне голема радост на момците на Парондо.
Јунак на мечот беше голманот Небојша Симиќ, кој успеа да одбрани 11 одбрани на противничкиот тим, а на спротивната страна Андреас Волф немаше партија како во полуфиналето, а Де Варгас не беше доволен за нешто повеќе. Најдобар стрелец кај Мелсунген беше Кристопанс со четири гола, а пет за Кил даде Цербе.
Во битката за третото место, екипата на Фленсбург беше подобра од францускиот Монпелје со 32-30 и ја освои бронзата.
____________________________________________________________________________________________________
Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________























