„Лавиците“ од Ѓорче Петров шампионски ја завршија сезоната

Македонскиот првак Ѓорче Петров имаше победнички крај на оваа сезона во Супер женската лига.

Во последниот натпревар на домашен терен, „лавиците“ на Александар Царчев го победија составот на Спартак со убедливи 45-27.

Победникот беше решен уште по првото полувреме, кога домаќинките водеа со 23-10, а второто полувреме беше само формално одработено.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Марија Јанкуловска со седум и Армина Исиќ со шест погодоци, а десет гола за Спартак даде Ива Божиноска.

По завршувањето на мечот, Ѓорче Петров го доби пехарот и медалите од страна на Ракометната федерација на Македонија.