Вардар веќе ја затвори шампионската сезона, но во клубот јасно порачуваат дека апетитите не завршуваат тука. Во објава на социјалните мрежи, од „црвено-црните“ најавија дека во следната сезона ќе влезат „помудри, поискусни и помотивирани“, со идеја да се задржи победничката линија и да се продолжи со истиот интензитет – и дома и во Европа.
Оваа порака доаѓа по сезоната во која Вардар практично ја завери титулата пред самиот финиш, со недостижна предност на врвот, а формалната потврда стигна уште неколку кола пред крајот.
Од Вардар порачуваат дека следната година ќе одат на одбрана на освоеното, со јасна цел да ги задржат двата трофеи, но и да влезат поагресивно во новата кампања – прв тест ќе биде и Суперкупот, кој традиционално ја отвора сезоната и носи престижен „печат“ уште на стартот. Во „Јане Сандански“ сакаат повторно да се гради победничка навика, но и да се подигне тимот за европските предизвици, каде клубот во оваа сезона остави силна трага и стигна до Топ 8 во Лига Европа.

Клубот не крие дека очекува уште поголема европска сцена во следната сезона. Во Скопје се надеваат дека ќе добијат место во елитно натпреварување. Токму затоа пораката е дека тимот ќе биде „поискусен и помотивиран“ – затоа што целта не е само домашна доминација, туку и поголема тежина надвор од Македонија.
Со оглед на начинот на кој Вардар ја контролираше сезоната, поракава звучи како најава за уште посериозна година.
























