Селекторот Кирил Лазаров денеска ја изврши прозивката на ракометарите пред бараж двомечот меѓу Македонија и Словачка за пласман на СП 2027.
Лазаров на списокот има 19 ракометари од четири македонски клубови – Вардар, Еурофарм Пелистер, Охрид и тимот од Автокоманда, како и еден интернационалец – Мартин Томовски од германскиот Битигхајм.
Селекторот Лазаров го најави двомечот и ги потенцираше добрите страни на ривалот.
„Имаме големо искуство од вакви средби, без разлика на ривалот, дека ова се одлучувачки средби и поради важноста се играат под голем притисок. Ја почитувам Словачка, која веќе долги години е заедно со шпански селектор. Имаат добар систем, немаат поединци, но функционираат како целина и се добро воиграни. Нема да биде воопшто лесно, свесни сме. Треба да ја научиме лекцијата од минатиот бараж против Фарски Острови, дека секој гол особено на гостински терен е многу важен, треба да бидеме одоговорни и дисциплирани во текот на сите 60 минути. Прешов го одбраа како домаќин, позната ракометна мека за Словачка и европскиот ракомет. Публиката го познава таму ракометот и знаат да направат добра атмосфера. Ние гледаме свои шанси, но и тие може да се пофалат дека од првиот шешир го добиле најпосакуваниот ривал – Македонија, а ги избегнаа Франција, Шпанија и сигурно дека гледаат шанса. Треба овие денови да ги искористиме максимално, ќе работиме, подготвени сме за тоа што не очекува. Верувам во тимот што го одбравме, млад тим, од 20 повикани, 19 се под 30 години, некои немаат ниту 20, а единствен наш најискусен е Митревски, кој секогаш носи квалитет плус на голманската позиција. Знаеме што сакаме, млади сме, можеби фали тоа мало искуство за вакви натпревари, но тоа треба да го надоместиме со борба, со ентузијазам, националниот дрес е светост, треба да го почитуваме и треба да ги почитуваме играчите. Прва задача ни е Прешов, каде што очекува цврст и физички меч со многу прекини поради важноста, и после на реваншот во Скопје очекуваме максимална поддршка во „Борис Трајковски“, изјави Лазаров.
Македонија е во поход на десеттиот пласман на СП, односно осми по ред мундијалски настап.
Првиот меч е на програмата на 14 мај од 19:00 часот во „Татран Арена“ во Прешов, додека реваншот ќе биде на 17 мај од 19:00 часот во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.
























