Откако триумфираше во Битола, „гладијаторите“ од Охрид продолжија да победуваат, и да се зацврстат на втората позиција на табелата. На домашен терен беше победен Тиквеш со 37-20 (19-14 ) на меч на кој дебитираше и Јапонецот Косуке Јасухира. „Летечкиот Јапонец“ мечот го заврши со 6 гола и со 8 асистенции.
Сега Охрид има 44 бода, два повеќе од Еурофарм Пелистер, а битолчани во вторник ги чека тешко гостување во Автокоманда од кое ќе се знае дали тие остануваат во игра за вицешампионската титула, или пак „сините“ ќе се вклучат во трката за второто место. Ова е 5. коло и остануваат уште пет кола до крај на Првенството.
На клупата на Тиквеш го немаше Кристијан Грчевси кој беше во Словенија како селектор на женската репрезентација на Македонија во квалификациите за ЕП 2026. Неговиот заменик Боро Ѓорѓиев немаше „магично стапче“ за да се спротистави на фаворитот. На спротивната страна ги немаше Анте Иванковиќ и Вуко Борозан.
Поведоа гостите со 2-0 во 3 минута, и толаку беше од нивниот отпор. За две минути домашните го „свртеа резултатот“ поведоа со 3-2 и потоа имаше само еден тим кој го диктираше темпото и резултатот – домаќините. Јасухира кој дојде пред дваа дена во Охрид веднаш беше регистриран и дебитираше со гол од пенал, а во првото полувреме имаше 6 гола од седум упатени удари. Затоа пак имаше 8 асистенции во тој период од играта.
Играше уште малку Јасухира во второто полувреме, а потоа седморката беше „измешана“ со цел сите да добијат шанса за играње. Во 39. минута Стефан Петриќ го постигна 24 гол за Охрид со кој домашните поведоа со 24-14. Во последните 5 минути од мечот домаќините имаа предност од 33-19.









