Монпелје направи голем чекор кон пласманот во четвртфиналето на Лига Европа и дуел со Вардар, откако Французите на домашен терен со 36-24 го победија Елверум. Има и реванш во Норвешка, но веројатно тешко ќе бидат достижни овие 12 гола предност на тимот од Франција.
Победникот од овој дуел во четвртфиналето ќе се сретне со Вардар, кој пак директно се пласираше во Топ-8 екипите во Лига Европа. Македонскиот тим може веќе да бара авионски билети и хотел за Франција, барем да направи предрезервација, зошто повеќе од сигурно е дека ќе треба да патуваат за Монпелје.
Почетното водство од 7-1 а потоа и 12-2 во 18 минута го најави „крахот“ на гостите и високиот триумф на домаќините. Ништо веќе не беше исто на мечот по тоа почетно водство на Французите, бидејќи Елверум беше „скршен“ и немаше многу сила да се врати во игра. При резултат 15-9 гостите не реализираа напад, по кој домашните со серија зголемија на 17-9, и наместо пет разликата пак беше „плус 8“. За
Во 48. минута повторно предноста беше 10 гола (27-17) а потоа се зголеми на 31-19. Немаше време за ништо, освен за чесен пораз и обид да се намали разликата да не биде двоцифрена.
Тешко ќе му биде и на Мелсунген кој ќе треба да брка шест гола негатива откако на гостувањето кај Фредериција, домаќините триумфираа со 35-29. Во второто полувреме Германците имаа негатива и од десет гола, но намалија на „подносливи“ шест гола.


























