Еден од најнеобичните инциденти во ракометот се случи во Португалија, каде што дербито меѓу Порто и Спортинг за малку ќе беше одложено поради неверојатна причина.
Членовите на Спортинг се соочија со сериозен проблем веднаш по пристигнувањето во „Драгао Арена“, откако се пожалија на силна и неподнослива миризба во соблекувалната. Мирисот бил опишан како „нешто токсично“, што предизвикало вистинска паника во гостинскиот табор.
Поради ситуацијата, ракометарите на Спортинг биле принудени да се пресоблекуваат во ходникот, кој импровизирано го користеле како соблекувална. Но, тука не завршиле проблемите, дел од играчите почнале да чувствуваат здравствени тегоби, а состојбата кај некои од нив дополнително се влошувала.
Најсериозно погодени биле тренерот Кошта и кружниот напаѓач Мога, кои најпрво добиле медицинска помош на лице место, а потоа со итна помош биле пренесени во болница. Според информациите на португалскиот „А Бола“, уште неколку играчи се пожалиле на симптоми, опишувајќи ја миризбата како „парализирачка“.
И покрај хаосот, натпреварот сепак се одигра, со задоцнување од 15 минути, откако делегатот процени дека нема услови за одложување. На теренот, Спортинг успеа да ги надмине сите проблеми и да дојде до голема победа над Порто со 33-30, во меч кој сигурно ќе остане запаметен по несекојдневните случувања надвор од паркетот.

























