По пауза од седум години Вардар повторно триумфираше на гостински терен во Германија против тим од Бундеслигата, откако со 34-25 (17-12) го победија Мелсунген. Со оваа победа Вардар се пласираше директно во четвртфиналето на Лига Европа и веќе е дел од Топ-8 што беше и целта на тимот. Скопјани се првиот македонски тим што стигнал во Топ-8 во Лига Европа откако се игра овој куп.
Сега „црвено-црните“ ќе ги скокнат осминафиналните натпревари и ќе чекаат ривал, а тоа ќе биде подобриот од двомечот меѓу Елверум и Монпелје. Победникот од четвртфиналето ќе оди на Ф4 во Хамбруг на крајот од мај месец.
Последен пат Вардар победнички се вратил од Германија на 6 февруари 2019 година кога во лигата на шампионите го победи Рајн Некар. Таа сезона Вардар ја освои и лигата на шампионите по вторпат триумфирјаќи во Келн на Ф4 турнирот.
На дуелот со Мелсунген, сега Вардар имаше одлични први 30 минути дел и водеше со 17-12. „Црвено-црните“ водеа од самиот почеток на средбата, имаа водство од 6-1, а истата разлика ја задржаа и на полувреме.
Во меѓувреме успеаја домашните да израмнат на 7-7 во 17 минута, а потоа повторно Вардар „додаде гас“ и зголеми на 3-4 гола предност. Дури и со играч помалку вардарци успеваа да погодуваат, а одбраната да биде на посакуваното ниво.
Во последните минути искористија нашите ракометари шанси со кои ја задржаа предноста. Голманот Милош Валах има 7 одбрани, а Боно и Да Силва дадоа по 4 гола.
И како завршија во првото полувреме, так апродолжија во второто. За неколку минути нападот на Вардар покажа ефикасност и поведе со 20-12 во 33 минута, како највисоко водство дотогаш. Но, тешко се игра на високо ниво 60 минути, па реално беше да има и пад на концентрацијата, што домашните го искористија да намалат на 19-23 (41 минута), а потоа и 20-24 (43 минута).
Водеше Вардар потоа со 25-20, а Чупиќ побара тајмаут, а следниот напад не беше реализиран, но во следниот напад Гоце Георгиевски зголеми на 26-20 во 46 минута. Сега Парондо мораше да бара минута одмор, но потоа упатената топка заврши покрај голот на Васил Гогов.
Со одбрана Гогов го внесе Вардар во последните десет минути од мечот и имаа „црвено-црните“ водство од 27-20, а потоа се изборија нашите ракометари и за пенал. Вукашин Воркапиќ го реализираше за највисоките 28-20, носејќи голема радост на трибините каде има стотина македонски навивачи.
Стигна Вардар и до плсу 9 гола, но веќе беше крај на средбата, па неважно беше дали и со колкава разлика ќе се победи.
Вукашин Воркапиќ со 6 гола и Жоао Педро да Силва исто толку беа најпрецизни кај Вардар, а Николас Боно постигна 5 гола, по три дадоа Георгиевски, Митровиќ и Горига.

























