Шпанците претпазливи пред дуелот со пелистерци: Знаеме како помина ПСЖ во Битола…

Ракометарите на Барселона го обезбедија директниот пласман во четвртфиналето на Лигата на шампионите пред дуелот со Еурофарм Пелистер.

Сепак шпанскиот гигант посакува со победа да го потврди првото место во групата кое го држи во моментов со 24 бода, а Магдебург има 23 на втората позиција.

Тренерот Антонио Ортега е внимателен пред пресметката со македонскиот шампион.

„Имаме шанса да ја затвориме групната фаза на првото место и сакаме да го направиме тоа без разлика што може да се случи со пласманите во двете групи. Се наоѓаме во одлична серија и нашата задача е да продолжиме во овој ритам. Имаме голема почит кон Еурофарм Пелистер и кон нивниот настап во Европа оваа сезона. Свесни сме за нивниот резултат од минатата недела и не смееме да си дозволиме никакво опуштање на теренот“, изјави Ортега.

Натпреварот меѓу Барселона и Еурофарм Пелистер се игра во „Блауграна“ в среда со почеток од 20:45 часот.