Македонскиот првак Еурофарм Пелистер во среда ќе го одигра последниот натпревар оваа сезона во Лигата на шампионите и ќе гостува кај големата Барселона.
Тренерот на пелистерци, Стевче Алушовски ги сподели очекувањата пред гостувањето во „Блауграна“.
„Треба да се каже дека одиме во Барселона, кај екипа што е лидер во нашата група и во моментов игра можеби најдобар ракомет во Европа. Екипа составена од голем број интернационалци, како искусни, така и млади репрезентативци на Шпанија. Оваа екипа има систем кој долго го игра. Ние нема што да загубиме на овој натпревар, туку можеме многу да добиеме. Најмногу за да останеме во еден силен натпреварувачки ритам, затоа што веќе в недела ни следи дербито на сезоната. Се подготвуваме за Барса како и за секој друг натпревар, бидејќи добро ни дојдоа овие неколку натпревари од Европа за да бидеме максимални во плеј-офот. Анализираме кои се нивните слаби страни во одбрана и во напад, ќе пробаме да го имплементираме нашиот систем и да одговориме најдобро што можеме на играта на Барселона. Имаме мали кадровски проблеми, Филип Кузмановски уште не е во тренажен процес, но се подготвуваме максимално. Очекувам натпревар за уживање, можеби нема да биде сличен како оној во Битола, но ќе се обидеме да изненадиме ако ни се укаже шанса“, изјави Алушовски.
Натпреварот меѓу Барселона и Еурофарм Пелистер се игра во „Блауграна“ во среда од 20:45 часот.

























