По ремито на гостински терен кај ГОГ Гудме, ракометарите на Еурофарм Пелистер останаа без шанси за прогрес во Лигата на шампионите, но ќе ги одиграат уште двата меча против ПСЖ дома и против Барса на гостински терен.
Тренерот Стевче Алушовски ги потенцираше очекувањата од пресметката со францускиот шампион.
„Се подготвуваме како и за секој натпревар, ни гостува гигантот ПСЖ кој оваа година во првата полусезона не играше според очекувањата. Се работи за тим составен од голем број француски репрезентативци и интернационалци кои се едни од најдобрите на своите позиции, така што ни следи тежок меч, со многу трчање, доколку успееме да го контролираме нивното темпо кое го наметнуваат при транизиција, имаме добри шанси да бидеме во добро светло. Со наша добра игра и карактер, да извојуваме добар резултат. Последен меч за нас дома, ПСЖ не доаѓа секој ден во Битола, па се надевам на голема поддршка и ги повикувам сите љубители на ракометот, заедно да направиме еден добар и историски резултат за нас“, изјави Алушовски.
Пелистерци имаа одлична претстава на гостувањето во Париз иако не се вратија со бодови, па тренерот посакува уште подобро издание.
„Секако дека во видеоанализата која ја спремавме пред мечот, го земаме и првиот меч што беше добро, а што лошо. Ние шансите за пласман ги загубивме, но сите овие силни натпревари против ПСЖ и Барселона ќе ни послужат и се добредојдени за екипата од ден во ден да расте. Кажав дека краток период сме заедно и секој еден ваков меч е додадена вредност во однос на тоа што значи како ќе се поставиме во играта во одбрана и во напад. Двата исклучително тешки мечеви со ПСЖ и Барселона ќе ги користиме за подготовка со Вардар. Нашиот фокус е кон домашното првенство, но тоа не значи дека во ЛШ нема да играме на нашиот максимум“, заврши Алушовски.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и ПСЖ се игра в среда во салата „Боро Чурлевски“ со почеток од 20:45 часот.

























